Првиот дрон способен да превезува луѓе е претставен на саемот за потрошувачка електроника CES 2016 во Лас Вегас. Го направи кинеската компанија Beijing Yi-Hang Creation Science & Technology и го нарече Ehang.

Кинескиот Ehang почна од примената во филмската индустрија, а сега прераснува во универзално летало.
 


Секој од нас безброј пати се пробивал низ градскиот сообраќаен метеж со сопствено возило или со такси. Замислете како од тој калабалак се вивнувате во небо, и прелетувајќи ги тие задушени улици, во рекордно време стигнувате на саканата цел. Волшебното сценарио како ова ќе се оствари во новото возило на иднината – летечкото такси!

Синоними за летечко такси се дрон – такси, патнички дрон или беспилотен хеликоптер. Овој изум, како остварување на дамнешниот сон на човекот, со право го носи епитетот возило на иднината. Дека сонот набрзо ќе се оствари, потврдуваат и многуте прототипи на летечко такси што успешно се тестирани во повеќе земји.

Освен за превоз на патници, летечкото такси може да најде примена и како амбулантно возило, коешто во однос на класичните возила за брза помош, многу поефикасно ќе доаѓа до пациентот и по потреба ќе ги довезува до соодветната медицинска установа. Ќе се појават и многу други области на примена, и за секоја од нив предностите на ваквиот начин на пренос ќе бидат евидентни: избегнување на сообраќајните метежи и преоптовареноста на аеродромите , елиминација на бучавата и загаденоста, заштеда на време…

Воведувањето на летечките таксија секако ќе подразбира и промена на регулативите во воздушниот сообраќај, како и изградба на инфраструктура – станици за полетување, слетување и полнење на уредите за електричен погон на возилата, како и контролен центар за управување. Приоритет ќе биде да се оствари целосна безбедност – координација и контрола. Се покажа дека во моментов тој дел на процесот е многу покомплициран од функционирањето на самите возила.

Германскиот VoloCopter превезува двајца патници на растојание до 35 км, со брзина до 110 км/ч.

Инаку, првиот дрон способен да превезува луѓе е претставен на саемот за потрошувачка електроника CES 2016 во Лас Вегас. Го направи кинеската компанија Beijing Yi-Hang Creation Science & Technology и го нарече Ehang. Првенствено беше наменет за примена во кинематографијата и снимање фотографии од воздух. Во април минатата година кинескиот летечки такси е тестиран во Виена. Прототипот превезуваше двајца патници, на мали висини и на растојание од 35 км. Тестирањето успешно заврши, па, како што рече производителот, технологијата во целост е спремна за комерцијализација, освен што се чека промена на релевантните прописи.

Во октомври 2018 година, компанијата Transcend Air ги прикажа резултатите од својата шестгодишна работа на VTOL возилата. Направени се 15 прототипови на летечки таксија, во коишто може да се сместат до шест луѓе. Сообраќајот е насочен на превоз на патици од град до град. Со оглед дека за исполнување на сите безбедносни барања потребни се години, компанијата ја најави комерцијализацијата за 2024 година. Ако се’ се одвива според планот, патниците тогаш со летечките таксија на оваа компанија би стигнале од Њујорк до Бостон за 36 минути, или од Торонто до Монтреал за еден час. Компанијата разгледува уште многу летови во Америка, а планира и проширување и во други делови од светот.