Дали сте знаеле дека околу 200.000 мобилни телефони забораваат патниците во такси во Лондон секоја година?
Без оглед дали сте бизнисмен, студент или пензионер, сите во животов сме користеле такси. Кога брзаме за на состанок, за на лекар, или едноставно не ни се вози дента, можеме да сметаме на такси возачите, коишто се секогаш тука за нас. Но, колку навистина знаеме за такси индустријата, таксистите, нивните возила и сл.? Прочитајте за овие интересни факти околу такси превозот за коишто веројатно не сте знаеле досега.
1. Фамозниот тест на знаење (The Knowledge exam) во Лондон
Дали сте знаеле дека во Лондон секој што сака да биде таксист мора да научи 320 рути низ 25.000 улици на памет? Ова се вика “The Knowledge test“. Освен овие неколку стотини рути, таксистите мора да запомнат и 20.000 познати точки во градот, како што се музеи, паркови, цркви, универзитети и други меса привлечни за туристите. Сите овие информации мора да ги знаат на памет, и поради ова, потребни се од 2 до 4 години учење, тестирање и сл., за да еден таксист добие лиценца за работа.
2. Изгубено – најдено
Би се изненадиле од тоа колку “откачени“ работи имаат патниците заборавено во таксијата низ целиот свет. Само во Лондон, на пример, секоја година околу 200.000 мобилни телефони забораваат патниците на задното седиште. Не сте многу потресени? Погледнете го списоков што следи: заборавен преплашен сокол; бебе; долна облека; урна со пепел; куфери со голема сума на пари; правосмукалка; златна рипка….
3. Најчудните таксија
Таксијата се среќаваат во различни форми и големини. Па, така, постои добра шанса да видите и некои мошне необични таксија низ светот. На пример, во Виетнам, вашето такси може да биде и слон. Но, можеби, најчудни таксија се среќаваат во Чиле, каде што некои од возилата се обоени така што да личат на крави. Најчудниот момент? Задните седиште се дури стилизирани така да личат на кравјо виме.
4. Такси муабети
Постојат два типа на таксисти: оние што возат тивко без да изустат и збор, и оние што зборуваат многу. Според едно истражување, најмногу зборлести таксисти ќе најдете по улиците на Њујорк. Њујоршките таксисти се познати како најдобри раскажувачи, ги забавуваат патниците со анегдоти и интересни приказни. Во Британија пак, најчеста тема на разговор помеѓу такси возачите и нивните патници, е времето надвор.
5. Забрането е да се вика „Такси!“
Ова е можеби најизненадувачкиот момент околу такси бизнисот, но верувале или не, во голем број земји е противзаконски да се вика на улица по таксито. Причината е тоа што може да се деконцентрира таксистот и останатите возачи на улицата и да се предизвика сообраќајка. Па така, наместо да викате по таксито, само дадете му знак со рака. Побезбедно е, а и ќе заштедите евентуална казна од полицаецот.