Патниците заштедуваат, таксистите заработуваат повеќе, а воздухот е почист.
Споделувањето на такси е популарно од поодамна во повеќе земји во развој, но во последно време станува сe’ поактуелно и во големите градови од богатите земји. Ако традиционалниот начин на споделено такси подразбираше таксистот едноставно да застане по патот доколку некој крене рака, а веќе има патник (патници) со себе, во поново време дигитализацијата го усоврши моделот, па во игра се онлајн апликациите што ги користиме со нашите смартфони и сл.
Во САД, на пример, пред неколку години повеќе компании, меѓу кои и Bandwagon од Њујорк, лансираа сервиси што преку мобилни апликации им овозможуваат на патниците да се поврзат и да споделат возење со такси, особено актуелно од места задушени со сообраќај, како што се аеродромите, железничките станици, конгресните центри и сл.
Споделувањето на такси носи неколку погодности, како на пример минимизирање на неискористениот простор во такси возилото што го намалува трошокот на самото возење и неговата цена на крајот – што значи помала сметка за патникот.
Освен економските предности, споделувањето на таксито е многу важно и за намалувањето на гужвите во сообраќајот, а со тоа се постигнува и помало загадување на воздухот.
Споделено или shared такси наскоро ќе биде за првпат возможно како опција и во Македонија – компанијата Геонет преку сопствената апликација GoTaxi ќе им овозможи на граѓаните онлајн да изберат опција за возење заедно со некој друг во такси. На платформата ќе бидат приклучени и повеќе такси компании, и оние возачи што однапред ќе имаат избрано дека ја прифаќаат опцијата да возат повеќе патници во еден правец, ќе можат да заработат повеќе пари од едно возење.