Идентификација на такси возачот и патниците, оцена на квалитетот на услугата, детско седиште во такси возило, помош за возење после луда ноќ во кафеана…како ви се чинат сите овие опции?
Колку пати досега ви се случило да се возите во такси возило коешто не делувало баш исправно и сте се загрижиле за вашата безбедност? Или пак таксистот бил непристоен, пушел цигари и сл.? А, на колкумина досега им се случило да го остават својот мобилен телефон или новчаник во такси возилото, а потоа да не можат да си го вратат затоа што таксистот бил од “дивите“? Колкумина пак, такси возачи досега имале непријатни искуства со малтретирање од пијани патници, или пак, уште пострашно ограбени од силеџии? Да не ги заборавиме и ситуациите кога човек ќе се опушти малку во кафеана, па после е ризично да вози сам накај дома, а се двоуми дали да викне такси затоа што ќе нема кој да му го донесе возилото до дома.
Сите овие ситуации се дел од мозаикот наречен безбедност во такси возењето и во возењето воопшто – тема којашто е битна и за патниците и за таксистите, со цел на крајот сите да бидат задоволни од услугата.
Македонската компанија Геонет наскоро на пазарот ќе лансира мобилна апликација наречена GoTaxi, со којашто нарачувањето такси влегува во нова димензија – сите претходно набројани безбедносни аспекти ќе бидат задоволени, а непријатните ситуации надминати.
На пример, апликацијата ќе бара идентификација и на возачите и на патниците, така што ќе се знае точно кој возач кој патник кога и каде го превезувал. Така, нема да има повеќе загубени новчаници, телефони и сл., во такси возилата заради тоа што не се знае кој го возел патникот. Од друга страна, и самите таксисти ќе бидат побезбедни во своите возила од евентуални ризици за возење на насилници, пијани или дрогирани патници, итн.
Исто така, патниците ќе може да дадат оцена за квалитетот на услугата, па секој возач ќе има личен рејтинг. Ова ќе ги стимулира таксистите да се грижат максимално за своите возила, за уредноста, чистотата, со цел да добијат поголем рејтинг и да бидат повеќе избирани од страна на патниците.
GoTaxi ќе понуди и опција патникот да избере такси возило со детско седиште, доколку патува со мало дете. Безгрижно возење ќе има и за оние што ќе испијат малку повеќе навечер во некој локал, со тоа што ќе можат да повикаат такси возило што ќе ги вози, а друг таксист да им го донесе нивното возило до дома. Ова се само дел од можностите што ќе ги нуди GoTaxi, а коишто ќе ја зголемат безбедноста при возењето со такси, а на крајот задоволни ќе бидат и патниците и таксистите.