Професионалци во својата работа, коишто се трудат чесно да заработат. Некои светски анкети, велат дека просечен такси возач всушност многу си ги сака своите муштерии, и нему едноставно му е мило да помогне на друг да дојде до посакуваната дестинација.
„Еј, такси!“. Нема човек што не го изустил ова самиот, или барем не го слушнал во својот живот. Таксијата се на планетава подолго и до самите автомобили, возејќи ги сите на планетава до своите дестинации. Тие се икони на сообраќајот во секоја држава и практично не може да ги промашите.
Дури и називот „такси“ е искористен за многубројни ТВ емисии, серии, филмови… Но што всушност знаеме за такси возилата и нивните возачи? Прочитајте малку интересни нешта за оваа индустрија, односно, за главните ликови во неа, такси возачите…
-Луѓето всушност, милуваат да разговараат со таксистите
Излегува дека луѓето милуваат да разговараат со таксистите. Единствената научна причина зад ова би било верувањето дека за обичниот човек е полесно да се отвори пред тотален непознат одошто пред некого што го познава. Можеби е некоја грижа на совест, потреба да се олесни на душата, кој знае… Понекогаш, патникот едноставно имал лош ден и има потреба да се пожали некому. Но, има и радосни моменти во животот на секој човек кога сакаме својата среќа да ја споделиме со сите. Зашто, како што велат, кога си среќен сподели за да биде поголема среќата, кога си тажен, сподели за да биде помала тагата.
-Таксистите си ја знаат својата работа
Прашајте го било кој таксист, ќе ви го каже следново: „Возачите“ од задното седиште се најлоши! Замислете да треба 40-50 такви „експерти“ да слушате во своето такси возило секој ден?! Да, и вие би биле на работ на нервите, секако. За сите оние што си замислиле во главата дека се ГПС уреди на две нозе, една информација за вас: Вие не сте тоа, и точка!
-Таксистите знаат како да ги смират своите патници
Ако некогаш сте се прашале зошто такси возачите можат да зборуваат смирено дури и со многу нервозни патници, главната причина е сепак годините на искуство. Секој од нас имал лош ден, кога влегуваме во такси и ни доаѓа да го истуриме својот бес на кутриот таксист, затоа што прв ни се нашол на патот. Па, ако некогаш сте биле успокоени од страна на такси возач, верувајте, не сте единствени. Имало случаи кога таксист го сопира возилото, излегува и од првата трафика му купува вода на вознемирениот патник што тргнал со него. Да се смири патникот е најдобро и за двете страни.
– Такси бон – тон
Важи како непишано правило, но повеќето такси возачи во светот се воздржуваат од тоа први да го започнат разговорот со патникот. Имало и анкети по светов, каде што патници биле дури и вознемирени затоа што таксистот не им кажал ниту збор за време на возењето. Но, тие веројатно не ги знаат основните правила на таксистичкиот бон – тон, а тоа дека возачите во принцип внимаваат да не ги навредат своите патници. Па така, во Британија на пример, дури и ако патникот почне прв да зборува, теми коишто се избегнуваат се политика, религија и сл.
-Како навистина се чувствуваат таксистите
Професионалци во својата работа коишто се трудат чесно да заработат. Некои светски анкети, велат дека просечен такси возач всушност многу си ги сака своите муштерии, и нему едноставно му е мило да помогне на друг да дојде до посакуваната дестинација. Таксистите изгледа добро знаат дека многу подалеку може да отидеш со луѓето ако користиш „мед“ наместо „сол“. Свесни се дека понекогаш нивната работа може да биде многу неблагодарна, но свесни се и за тоа дека понекогаш пак, тие можат навистина да придонесат нечиј ден да заврши убаво, едноставно со тоа што ќе го превезат на посакуваното место безбедно и со насмевка.