Според официјалната статистика, македонско такси возило дневно поминува без малку 90 км и превезува по 44 патници во просек
Вкупно 76,43 милиони километри поминале такси возилата во Македонија минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика. Оваа пресметка е направена со истражувањето за такси – превоз во државава при што се опфатени 2.342 такси возила од 214 извештајни единици.
Според овие бројки, секое од овие возила поминало по 32.634 километри во текот на годината, и ако претпоставиме дека таксистите работеле секој ден во годината, излегува дека просечно дневно поминале без малку 90 километри, поточно 89,4 километри. Од овие дистанци, 85% се однесуваат на градски и приградски превоз, додека 15% на меѓуградскиот превоз со такси.
Истите овие такси возила превезле вкупно 37,78 милиони патници, при што 83% се во градски и приградски превоз, додека 17% во меѓуградскиот превоз. Што значи, дека во просек едно такси возило превезло 16.131 патник во текот на годината, или по 44 патници на ден во просек, доколку, се разбира, таксистите возеле секој ден во годината.
И на крајот, овие 2342 такси возила опфатени во истражувањето, во 2018 година потрошиле 379 тони бензин, 6346 тони дизел и 2.415 тони автогас, што значи дека во просек секое возило потрошило по 3,9 тони гориво годишно, или по 10,6 литри дневно.