Едно од првите жолти такси возила што ги користел Џон Херц за својата такси компанија во Чикаго, пред повеќе од 100 години

Во Лондон, на пример, такси возилата отсекогаш биле црни и тие се традиција што прераснала во вистинска икона на градот.

Зошто такси возилата во светот најчесто се жолти?


За првпат жолто такси возило е промовирано во 1915 година од американскиот продавач на автомобили Џон Херц.

Кога повеќето луѓе ќе помислат на такси, слика на жолт автомобил веднаш им излегува пред очи. И додека има исклучоци во одредени места, како Лондон на пример, кае што такси возилата се црни, најчестата боја за нив низ целава планета е жолта. Во некои пак градови и држави каде што таксијата не се обоени во жолто (и во Македонија, на пример, имаме комбинации на жолто со бело, зелено со бело и сл.), тогаш барем знакот “Taxi“ поставен на кровот на возилото е во жолта боја.

Ако се прашувате зошто токму жолтата боја е највообичаен избор за такси возилата низ светот, одговорот е всушност многу едноставен – жолтата е лесно воочлива боја, којашто им помага на патниците полесно да ги забележат таксијата во сообраќајот. Меѓутоа, да разгледаме неколку факти околу бојата на такси возилата што веројатно не ви се познати.

Малку историја

Иако историјата на такси моторните возила почнува некаде кон самиот крај на 19 век, таксијата не биле отсекогаш жолти. За првпат жолто такси возило е промовирано во 1915 година од американскиот продавач на автомобили Џон Херц. Тој со продажба на возила почнал десетина години претходно, и во меѓувреме му се собрала залиха на автомобили што ги зел од купувачи по принципот “старо за ново“ и решил да ги искористи како такси возила со цел да го направи автомобилскиот транспорт подостапен за широката популација. Херц сакал сите такси возила да бидат во иста боја, којашто ќе биде и лесно воочлива за патниците. Решил тоа да биде жолтата, затоа што една студија на Универзитетот Чикаго покажала дека жолтата боја со додадено малку црвена, е најлесно воочлива. И така, во 1915 година е родена првата такси компанија во Чикаго, наречена Yellow Cab Company.

Неколку децении подоцна, истиот овој човек, ќе го прошири својот бизнис во областа на рентањето возила, а денес рент-а-кар компанијата Hertz е еден од најголемите светски играчи во овој бизнис.