Без малку 80.000 британски фунти чинело возењето со такси што траело цели 15 месеци и било долго преку 70.000 километри. Сепак, иако таксиметарот покажал олкава сума на крајот, патниците не морало да ја платат сметката.

Тројца пријатели од В. Британија го поставија светскиот рекорд за најдолго и најскапо патување со такси, во 2012 година. „It’s on the Meter – World Taxi Challenge“ беше наречена експедицијата што го сруши Гинисовиот рекорд за најдолго возење со такси, но и најголема надморска височина некогаш постигната во вакво возило.

Ли Пурнел, Џоно Елисон и Пол Арчер и црното лондонско такси со коешто го обиколија светот во 2012 година.
 

Ли Пурнел, Џоно Елисон и Пол Арчер се тројцата пријатели од студентските денови коишто го направија овој подвиг, тргнувајќи од Лондон на 17 февруари 2011 година, и откако го обиколија светот, поминаа четири континенти и 50 држави, извозеа речиси 70.000 км, пристигнаа повторно во Лондон на 11 мај, 2012 година.

Триото се возеше во црно такси возило карактеристично за Лондон, коешто го нарекле Хана, произведено во 1992 година, а таксиметарот на крајот од авантурата покажувал точно 79.000 фунти. Среќа што пријателите го возеле таксито сами, па не морале да ја платат сметката на крајот. Шегата на страна, нивниот потфат имал и друга заднина, односно идејата им била и да соберат пари за хуманитарни цели, во што и успеале, па на крајот му предале 20.000 фунти на британскиот Црвен крст.

За време на нивното долго патешествие, тие биле уапсени во Москва, Русија, а биле испитувани и од иранската тајна служба. Пол Арчер дури и бил протеран од Иран како осомничен за шпионажа. Тој изјавил дека најтежок дел од патот им бил преку централно – азискиот дел, возејќи низ Иран, Пакистан и Индија, а потоа нагоре по Хималаите.

„Не можевме да влеземе во Пакистан, а јас бев протеран од Иран. Навистина е опасно да се вози низ тие краишта, а патиштата се ужасни во Индија“, вели Арчер.

Потоа, заглавиле на границата со Молдавија заради погрешни визи, но на крајот успеале да влезат во државата затоа што мајката на еден нивни пријател се познавала со претседателот на земјата.

Инаку, патувањето првично било замислено да биде од Лондон до Сиднеј, а во 2016-та Арчер и Елисон објавија и книга за своето патешествие, со наслов „It’s on the Meter: Travelling the World by London Taxi“.